Анализа: Жените од Струмица, Босилово и Ново Село се соочуваат со многу бариери

Женското учество во локалните процеси на планирање и одлучување е ниско, симболично и несистемско, покажа анализата што ја направи Организацијата на жени – Струмица, конкретно за општините Струмица, Босилово и Ново Село. И покрај формалните механизми за граѓанско учество, жените, посебно оние во руралните средини, се соочуваат со повеќеслојни бариери – од недоволна информираност и ограничен пристап до консултации, до структурни обврски и културни притисоци кои го намалуваат нивниот капацитет за активност.

Институциите немаат доволни човечки и системски ресурси за да поттикнат континуирано и инклузивно учество, додека локалните женски организации, кои би можеле да бидат клучен ресурс, често се исклучени од процесите. Според експертите, без системски пристап кој ќе ги земе предвид специфичните потреби на жените и ќе овозможи транспарентна и недискриминирачка вклученост, напорите за инклузивно локално владеење остануваат ограничени.

Публикацијата е изготвена од Организација на жени од Струмица во рамки на доделениот грант за спроведување на проектот „Жените – Двигатели на промени во заедниците“, кој е дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, реализиран од The Kvinna till Kvinna Foundation, Здружение за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска и Хуманитарното Здружение „Мајка“ – Куманово, а финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија и ко-финансиран од Шведска.