Во салата на Младинскиот совет во општина Струмица, во организација на Хуманитарното здружение Мајка – Куманово, вчера се одржа јавната дебата „Женско лидерство како огледало на заедницата“, посветена на унапредување на граѓанското учество на жените, посебно оние од руралните средини, во процесите на креирање локални политики и донесување одлуки. Во фокусот на дискусијата беа социо-економската состојба и приоритетните потреби на жените од руралните заедници, нивниот пристап до основните јавни услуги, како и можностите за воспоставување потранспарентни, поинклузивни и родово одговорни механизми за локално планирање. Посебно внимание беше посветено на потребата од поголема вклученост на жените во работата на месните заедници, јавните расправи и буџетските консултации. Настанот наиде на одличен одзив од жените кои активно учествуваа во дискусијата, поттикнати од излагањата на учесничките.
На дебатата учествуваа претставнички на локалната самоуправа, граѓански организации и жени од руралните заедници, кои разговараа за постојните механизми за граѓанско учество, нивната достапност и функционалност, како и за пречките што ги ограничуваат можностите на жените да влијаат врз локалните одлуки. Меѓу говорничките беа Ленче Христова, претседателка на Организацијата на жени од Струмица, Катерина Најденова, самостоен референт за месна самоуправа во Општина Струмица, Нела Масалковска, координаторка за еднакви можности на жените и мажите во општината, како и Верица Стојанова и Славица Милошевска, претставнички на локалните женски кружоци од селата Сачево и Просениково. Дискусијата ја модерираше Рената Стаменовска Јанчиќ од ХЗ „Мајка“.
Преку директен дијалог меѓу жените од заедниците и претставничките на локалните институции, дебатата отвори прашања за начините на кои потребите и предлозите на жените можат поефикасно да се вклучат во општинските програми и буџети. Беше ставен акцент на потребата од редовна комуникација, навремено информирање, достапни консултативни механизми и обезбедување повратни информации од институциите за поднесените иницијативи. Настанот се реализираше во соработка со Организацијата на жени од Струмица, како локален партнер во мобилизацијата на жените од руралните средини и нивното поврзување со локалните институции, со цел поттикнување поактивно женско граѓанско учество и зајакнување на влијанието на жените врз развојот на нивните заедници.





