Во салата на Советот на општина Свети Николе неодамна се одржа консултативно-застапувачка средба на која учествуваа жени од седум женски кружоци од општините Свети Николе и Лозово, како и претставници на локалната самоуправа и релевантни институции. На средбата беа презентирани наодите од анализата за информираноста и искористеноста на постојните мерки за поддршка на жените од руралните средини, како и потребите за воведување нови форми на поддршка. Учесничките разговараа за пристапот до мерките, предизвиците со кои секојдневно се соочуваат и можностите за подобрување на нивната положба.
Посебен акцент беше ставен на предлозите и препораките произлезени од самите жени, насочени кон зајакнување на нивната економска независност, социјална сигурност и поголемо учество во локалните процеси на донесување одлуки. Средбата претставува важен чекор во процесот на застапување за унапредување на правата и можностите на жените од руралните средини, преку директно вклучување на засегнатите страни во креирањето на локални политики и мерки.
Активноста ја организираше ГИЖ Свети Николе во рамки на грантот за спроведување на проектот „Јакнење на социо-економските права на жените од руралните средини во општина Свети Николе и Лозово“. Проектот е дел од програмата „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, која ја реализираат The Kvinna till Kvinna Foundation, Акција Здруженска и ХЗ Мајка Куманово, со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и кофинансирање од Амбасадата на Шведска во Скопје.




