Со дијалог до подобри е-услуги, Радовишанки ги споделија своите искуства и предлози

Во организација на Женска акција Радовиш, на отворениот простор пред ЗПОРК Радовиш се одржа средба со граѓанки од општина Радовиш во рамките на проектот „Зајакнување на жените за користење на општинските е-услуги“. Настанот овозможи непосредна комуникација помеѓу жените и претставник од ЕЛС Радовиш, при што беа презентирани електронските услуги што ги нуди општината, нивната достапност и начинот на нивно користење.

Преку отворена дискусија, учесничките поставуваа прашања, ги споделија своите искуства и предизвици со користењето на е-услугите, а добија и практични информации и насоки кои ќе им помогнат полесно и посигурно да ги користат електронските услуги. Во текот на разговорот, жените нагласија дека постои потреба од поголемо информирање на јавноста, како и организирање практични обуки што ќе придонесат за развивање на нивните дигитални вештини и поголема самодоверба при користењето на општинските е-услуги. Нивните предлози и препораки претставуваат важен придонес во процесот на унапредување на услугите и нивно подобро прилагодување на потребите на жените.

Проектот „Зајакнување на жените за користење на општинските е-услуги“ се реализира во рамките на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, кој го имплементираат Акција Здруженска, The Kvinna till Kvinna Foundation и Хуманитарно здружение „Мајка“ – Куманово, со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Амбасадата на Шведска во Скопје.

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.