Едукативна работилница за буџетска писменост во Кадрифаково

Во организација на ГИЖ Св. Николе, во село Кадрифаково беше реализирана едукативна работилница посветена на буџетската писменост, како дел од активностите насочени кон зајакнување на женските кружоци и поттикнување на поголемо учество на жените во процесите на донесување одлуки на локално ниво.

На работилницата, жените од Кадрифаково имаа можност да разговараат за значењето на општинскиот буџет, начинот на кој се планираат и распределуваат средствата, како и за можностите преку кои граѓаните можат да влијаат врз утврдувањето на локалните приоритети.

Дискусијата покажа дека присутните жени не биле информирани за висината на општинскиот буџет, ниту за тоа кои активности и мерки се предвидени во општинските програми за нивното село. Ова ја истакна потребата од поголема транспарентност, информираност и активно вклучување на граѓаните во локалните процеси. Во текот на разговорот, жените ги споделија и предизвиците со кои секојдневно се соочува нивната заедница, меѓу кои се недостатокот на продавница, проблемот со обезбедување чиста вода за пиење и непостоењето на канализациски систем. Тие нагласија дека овие прашања не се само инфраструктурни предизвици, туку директно влијаат врз квалитетот на животот на сите жители.

 

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.